Најчести прашања | Доброволен пензиски фонд

Член на доброволен пензиски фонд може да стане секое лице кое ги исполнува условите за зачленување пропишани со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, доколку има најмалку 15 и најмногу 70 години возраст.

Невработено лице може да биде член на доброволен пензиски фонд, доколку има најмалку 15 и најмногу 70 години возраст.

Зачленувањето во Доброволниот пензиски фонд можете да го извршите во некоја од експозитурите на НЛБ Банка АД Скопје, во просториите на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје или преку лиценцираните агенти во продажба. Јавете се на телефонскиот број 02/15 500 или испратете ни e-mail на kontakt@npf.com.mk

Уплатата на индивидуална сметка се врши исклучително од трансакциска сметка на членот и/или уплатувачотт (кога постои друго физичко лице уплатувач). Уплата на професионална сметка се врши од трансакциска сметка на осигурувачот/фирмата.

Индивидуалните членови имаат право на поврат на платениот персонален данок за уплатените средства во Доброволниот пензиски фонд. За уплатата на доброволен пензиски придонес работодавецот е ослободен од плаќање на придонеси, персонален данок на доход и данок на добивка. Износот на ослободувањето по член за една календарска година не може да биде поголем од 4 просечни месечни бруто-плати во Република Македонија објавени за претходната година, во согласност со законската регулатива.

За да извршите поврат на персоналниот данок потребни Ви се:

  • Пополнет образец БПП-ИС/ДПФ – Барање за поврат на персонален данок на индивидуална сметка,
  • Доказ за платен персонален данок во Република Македонија и,
  • Доказ за платена административна такса.

 

Мисијата на Друштвото во поглед на управувањето со фондот е остварување на оптимален принос на долг рок преку активно управување со средствата на пензискиот фонд придржувајќи се кон толеранцијата за ризик, правилата и процедурите за мерење и управување со ризиците, законодавната рамка и внатрешно поставените лимити при инвестирањето. Така, средствата на пензиските фондови се инвестираат во државни и корпоративни обврзници, банкарски депозити, акции и удели во инвестициски фондови со цел остварување на соодветен принос во периодот на акумулација на средства односно пензиска заштеда на своите членови.  

На домашниот пазар на капитал, пензискиот фонд е еден од најголемите инвеститори, при што Фондот зазема значајно учество во сопственичката структура на најреномираните македонски компании кои котираат на Македонската берза. Изборот на компании кои се или ќе бидат дел од портфолиото на фондот го прави Секторот за инвестиции врз основа на редовни анализи кои ги оценуваат идните перспективи на овие компании а со тоа и очекуваниот принос од инвестирање во нивните акции.

На странските пазари, средствата на Пензискиот фонд делумно се инвестираат директно во акции на компании кои доаѓаат од земјите членки на Европската унија и ОЕЦД и кои од страна на Секторот за инвестиции се оценети како компании со релативно подобри долгорочни перспективи, а делумно се инвестираат во удели во инвестициски фондови преку кои се постигнува дисперзирана изложеност кон портфолио на акции и/или обврзници со одредени посакувани карактеристики. Дополнително, средствата на пензискиот фонд се инвестираат и во странски обврзници кои ги задоволуваат високите критериуми за квалитет и носат соодветен принос наспроти ризик. 

Право на исплата на пензиски надоместок од Трет столб се овозможува најрано десет години пред возраста за стекнување на право на старосна пензија, што во општ случај значи на возраст од 52 години за жена, односно 54 години за маж. Средствата на индивидуална/професионална сметка по индивидуален избор, можат да бидат исплатени во вид на:

  • програмирани повлекувања,
  • ануитети,
  • еднократни исплати,
  • повеќекратни исплати или
  • комбинација од претходно наведените видови на исплати.

Пензиските надоместоци подлежат на оданочување со персонален данок на доход во согласност со Законот за персонален данок на доход.

Во случај на смрт на член на НЛБ Пензија плус, средствата на сметката се наследуваат, односно стануваат дел од оставинската маса на лицето кое починало, додека во случај на членот да му биде утврдена општа неспособност за работа, Законот дава можност за повлекување на средствата без оглед на возраста.

Ви стојат на располагање повеќе начини за ажурирање на личните податоци:

1. Електронско ажурирање преку нашата интернет страна со пристап до Вашата лична сметка. Најавете се во Вашата лична сметка со Вашето корисничко име и лозинка кои Ви ги доставуваме во рамките на Годишниот извештај за пензиска заштеда, кликнете на Лични податоци, променете ги податоците кои се неажурни и изберете каде да го добиете кодот за конфирмација на ажурирањето. Оваа опција е овозможена за членови или пензионирани членови кои веќе претходно ни имаат доставено податок за важечки мобилен телефонски број или е-маил.

2. Ажурирање по писмен пат, при што треба да посетите некоја од експозитурите на НЛБ Банка АД Скопје или дојдете во седиштето на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и да пополнете Барање за ажурирање/корекција на личните податоци во присуство на овластено лице/агент на Друштвото кое ќе изврши увид во Ваш валиден документ за лична идентификација. 

3. Достава на Пополнето Барање за ажурирање на податоци по пошта. При вакво ажурирање на податоци ќе бидете контактирани од Друштвото со цел утврдување на идентитетот на испраќачот на Барањето, при што телефонскиот разговор ќе се снима.

4. Ажурирање со телефонски повик на 02/15-500. Во согласност со регулативата со телефонски повик е дозволено ажурирање единствено на адреса на живеење и/или адреса за коресподенција. При вакво ажурирање ќе се изврши идентификација на членот при што телефонскиот разговор ќе се снима.